Почетна / Култура на живеење / Насловна / Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески го затвора 43.ИФФК „Браќа Манаки“
Македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески го затвора 43.ИФФК „Браќа Манаки“
— 26 август, 2022
„Снежана на крајот умира“ е филм за добрината. Ние заборавивме да бидеме добри со самите себе и со луѓето околу нас, рече режисерот Кристијан Ристески на денешната прес конференција, на којашто беше и претставена екипата којашто работеше на филмот. Овој филм ќе биде прикажан на затварањето на 43. издание на ИФФК „ Браќа Манаки“, којшто започна на 19 август со францускиот филм „Мајка и син“.
-Периодот кога се прави филм е секогаш многу долг, од иницијалната идеја до премиерата. Тоа се обично четири и повеќе години. Лично верувам во еден став на Пол Томас Андерсон кој вели дека сценаристот не треба да се занимава со темата на почетокот, туку само треба да ја напише приказната, а темата ќе излезе низ процесот сама од себе. Така некако беше случај и во мојот филм, едноставно напишав приказна и сега a posteriori, откако се заврши, мислам дека сум направил филм за добрината. Нешто што ми пречи последниве години во нашето општество, а мислам дека тоа е и глобално прашање, е дека заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, со другите живи суштества, со планетата, дури да бидеме добри со самите себе и за себе. Некако ми се чини дека филмот е за неколку луѓе кои успеваат да останат добри, да се заштитат од оваа морална катастрофа што се случува околу нас и успеале да си направат некаква оаза на добрината, по доста висока цена која ја плаќаат во останатите аспекти на нивниот живот, рече режисерот Кристијан Ристески.
Филмот добил финансиски средства во 2017 година од Агенцијата за филм и во во текот на развојот бил селектиран во две програми за развој на сценарио, истовремено бил селектиран на два маркети и откако завршиле груба монтажа биле селектирани на три воркинг прогрес програми на филмските фестивали во Карлови Вари, Софија и Рим. Подоцна добиле средства и од Министерството за култура на Кипар, така започнала копродукцијата и на крај имал онлајн светска премиера во јануари годинава на „Сламденс“ во Парк сити поради ковид пандемијата.
-Ова е единаесетта година како доаѓам на ИФФК „Браќа Манаки“, но ова е прва година кога сум тука со филм. Воспоставивме прекрасен однос која вроди со заедничка копродукција која се надевам дека во иднина само ќе расте, рече копродуцентот Константинос Никофору од Кипар.
Директори на фотографија се Димо Попов и Севдије Кастрати.
-Ова беше еден од моите омилени проекти на кои работев, бидејќи беше една мошне емотивна поетична приказна, секако поради тимот и режисерот Кристијан Ристески кој ми е најдобар пријател. Ви благодарам што ќе го гледате филмот, се надевам ќе ви се допадне, рече Димо Попов, кој има зад себе четириесеттина филмови. Тој поради работни обврски, во моментов снима во Момбај, не беше во можност да присуствува на денешната прес конференција, но се вклучи онлајн.
Севдије Кастрати е исто така кинематограферка на филмот, позната е по многу филмови, последен во низата е „Вера сонува за морето“, но и филмовите „Брак“, „Отворена врата“ итн.
-Севдије ги сними сите ноќни сцени, а Димо дневните сцени, така што мислам дека тие беа идеална комбинација, бидејќи не можеше ниту едниот ниту другиот да го направи цел филм. Стилот го договоривме сите заедно и воопшто не се забележа дека работеле двајца кинематографери. Доследни беа и едниот и другиот во своите делови, рече Ристески.
Дарко Попов е продуцент на филмот, вклучен е од самиот почеток во проектот.
-Филмот почнува да се рекламира на маркетот на филмскиот фестивал во Торонто, веќе имаме агент за продажба, а во македонските кина ќе почне да се прикажува од 6 октомври, најпрвин во скопските кино сали, а потоа и низ цела држава, рече Попов.
Животите на еден самотник што уште живее со родителите, лице со Аспергер, вработен во видео-клуб, момче од маркетинг агенција, маалски филозоф и гинеколог се испреплетени во три откачени приказни за љубовта, пријателството и посветеноста. Улогите ги толкуваат: Дениз Абдула, Валентин Костадиновски-Тино и Давид Јанакиев.
-Откако ја видов премиерата на филмот сфатив дека станува збор за комедија. Додека снимавме, Кристијан работеше со нас како да снимаме драма, рече Валентин Костадиновски-Тино.
Дениз Абдула е веќе препознатлив актер и во регионот и рече дека нема некоја голема разлика во поглед на работата со режисерите од регионот.
-Во овој филм успеваме да извлечеме посветеност и работа во текот на цело време. Како актери во секоја работа се посветуваме максимално. Сметам дека имаме квалитетни режисери и во областа на филмот сме многу понапред од останатите држави во регионот и тоа е видливо, рече Абдула.
Ивица Димитријевиќ има искуство од двете страни на камерата и ги сподели впечатоците од снимањето на „Снежана на крајот умира“.
-Не е важно на која страна од камерата се наоѓаш, туку е важно да си ја сфатиш одговорноста на твојата улога. Сите учесници треба да бидат сериозни и одговорни, а тоа беше случај при снимањето овој филм. Уште од самиот почеток кога отидов на кастинг почувствував дека крајниот резултат ќе биде добар. Имавме одлична соработка, а имавме и проби, нешто што не се практикува многу често кај нас и потоа се одеше мазно и лесно. Осумнаесет снимачки денови поминаа без никакви проблеми. Иако сцените во кои јас учествувам се позахтевни, со добра подготовка и добра мисла се постигнува се, рече Димитријевиќ, кој се заблагодари на ИФФК „Браќа Манаки“ за прикажувањето на филмот.
На актерот Давид Јанакиев ова му е дебитантско појавување во долгометражен филм, во кој толкува лик нарушен од аутистичен спектар.
-Уште бев во училиште кога ја добив улогата. Прво се зафатив со проучување на психологијата на лицата со пореметеност од аутистичен спектар, еден месец читав за тоа, гледав документарни филмови. Сите техники кои ги изучуваме на училиште се исти и потекнуваат од Станиславски, така што сепак сметам дека најважно е што ќе успееш да извлечеш сам од себе, рече Јанакиев.
Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам сè од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е…
На 69-годишна возраст почина Александра Слаѓана Милошевиќ, иконата на новиот музички бран во осумдесетите години во поранешна Југославија. Важеше за икона која ги рушеше сите табуа, а на пошироката јавност ѝ е најпозната по хит-нумерата „Принцеза“ која во 1984 година ја сними со Дадо Топиќ. Вистински бум направи со антологискиот хит и спот „Мики, Мики“…
Познатиот српски фотограф Томислав Петернек почина на 91-годишна возраст во Белград. Тој беше носител на највисоките титули во професијата и добитник на повеќе домашни и меѓународни награди, а неговите фотографии беа објавени во најзначајните светски весници, пренесува РТС. Томислав Петернек е роден 1933 година во Винковци, а со фотографија се занимава од 1954 година, пишува…
Денеска по кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов. Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите…
Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо…
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа…
(Кон претставата „Поткровје“, по драмскиот текст „Цена“ на Артур Милер во продукција и режија на Александар Ивановски во копродукција со Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Томислав Давидовски, Хари Михајловски, Елена Кузманов, Горан Ников) Двоактната пиеса на Артур Милер е напишана во далечната 1967 година, веднаш по неговите големи пиеси со кои стекнува светска…
(Кон претставата „Бура и продор“ по концепт и режија на Теа Беговска, а во продукција на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“. Главни улоги: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски, Дин Ибрахим) Најпознатата сентенца на Питер Брук во неговото капитално теоретско дело „Празен простор“ вели: „Можам да земам кој било празен простор…