Култура

Мастер клас со Михал Димек, кинематографер на филмот„Ео“: Сценариото за овој филм е едно од најдобрите што ги имам прочитано

Мастер класот со Михал Димек, (Michal Dymek) кинематографер на филмот во главната натпреварувачка програма „Ео“, чиј режисер е славниот Јержи Сколимовски, (Jerzy Skolimowski), се одржа во преполнетата сала при Домот на културата, каде се одржуваат и проекциите на филмовите на ова 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки’. „ЕО“ беше прикажан на годинешното издание на Канскиот фестивал, каде филмот беше награден од страна на жирито на овој фестивал, а синоќа беше прикажан во кино салата во Центарот за култура во Битола.

Мастер класот го водеше селекторот на главната натпреварувачка програма Слаѓан Пенев, а Димек одговараше на прашањата од публиката, составена од искусни филмски професионалци, голем број студенти од филмските академии во Европа и новинари, објаснувајќи ги сите финеси за време на снимањето на „ЕО“. Во филмот е прикажан животот на едно магаре, коешто го напушта циркусот по одлуката да не се злоупотребуваат животните во циркус. Оттогаш магарето талка низ земјата, среќава најразлични луѓе и доживува многу настани, и љубов и тага но и омраза, кога е претепано речиси до смрт и на метафоричен начин ја истражува визијата за модерна Европа низ неговите очи…

Михал Димек е млад кинематографер, но неговата биографија веќе бележи дваесеттина наслови, кои допринеле за соработката со славниот Јержи Сколимовски. Запознавајќи ги присутните со неговите почетоци како кинематографер, тој истакна дека на почетокот се занимавал со фотографија, а потоа се запишал на прочуената филмска школа во Лоѓ, која од крајот на Втората Светска војна до денес важи за една од најценетите во Европа. Запрашан за фазите на соработката со Сколимовски, Димак вели дека најпрвин бил фасциниран од суперпрецизноста на сценариото – потпишано од режисерот и Ева Пjасковска (Ewa Piaskowska) – во кое бил разработен секој можен детал.

-Сепак, на сетот за време на снимањето, моравме да менуваме некои сцени. За мене беше битно да имаме сериозна претпродукција. Со суперпрецизно сценарио и сериозна претпродукција завршивме тежок проект, посочува Димек.

„ЕО“ е филм со нагласена поетика, во кој Димек има „извадено“ безброј детали кои ги разгоруваат сентименталните чувства кај гледачите. Секако дека не е едноставно да се работи со било кое животно на филм, а посебно магаре, чиј синоним kaj народот е тврдоглавост. Димек откри дека потрошиле тони моркови и јаболка за да го „подмитуваат“ ЕО на снимањето.

Кинематограферот ни откри и дека дошол зад камерата на „ЕО“ со комбинација на случајност и среќа, и тоа на почетокот на пандемијата со ковид-19: повикот за соработка од такво име какво што е Сколимовски многу му значел.

Димек одговараше на бројните прашања од публиката заинтересирана и за најмалите детали во филмот и нивната реализација: употребата на светлото и бојата, контрастот, колку време му требале за снимање на некои специфични сцени во филмот. Димек го снимил „ЕО“ со камерата ARRI mini Alexa, а користел главно објективи „Канон“, а потоа низ примери објаснуваше за реализацијата на различни сцени во филмот.

Сценариото за филмот „ЕО“ е едно од најдобрите што ги имам прочитано. Најважната работа на овој филм беше да се постигне визуелниот процес. Самото сценарио е напишано на доста визуелен начин и од почетокот се држев до сценариото кое ми даваше слобода и мотивација да постигнам што повеќе од визуелниот ефект, и понекогаш се водам од интуицијата, вели Димек.

Црвената боја преовладува на почетокот на филмот и останува во сеќавање на гледачот и откако ќе го гледа филмот.

-Првичната идеја ја добив од сцената со сообраќајната несреќа и не очекував дека сцената ќе заврши со смрт, така што почетната асоцијација за смртта ја поврзав со црвената боја. Инаку, често ја користам оваа боја низ целиот филм како една референца, како константа, како палета, раскажа Димек.

Филмот е своевиден омаж на еден од најзначајните филмови во историјата „Погледот на Балтазар“ и преку главниот лик, магарето, зборува какви се луѓето. Сколимовски, режисерот на „ЕО“, оние кои го познаваат велат дека е доста тврд како карактер, но ова е можеби единствениот филм кој го расплакал.

Сколимовски со „ЕО“ прави посвета на еден од неговите најценети колеги, францускиот автор Робер Бресон (Robert Bresson) и неговиот филм „Среќно, Балтазар!“ („Au hasard Balthazar“, 1966). И Сколимовски, всушност, во тој период го снима неговиот најголем успех од раната фаза, „Лесна победа“ (Walkover)и со Бресон го поделиле воодушевувањето на филмската критика, освојувајќи престижни награди.

Димек раскажа дека имале две магариња со кои снимале со оглед на нивната тврдоглавост морале да применуваат трикови бидејќи мора да се земе во предвид дека сепак тоа се животни и не може да изразуваат чувства или да направат одредена работа, така што со нив работеле како со објект, наместо како со актери.