Култура

ПРЕВОДОТ КАКО ВЕЧНО ЗАПОЗНАВАЊЕ НА ЈАЗИЦИТЕ

(Кон преведувачкото студио на фондацијата „Следна страница“ кое се одржа во Куќата на литературата и преводот во Софија, Бугарија 15 септември до 02 октомври, 2022 година)

Преводот е начин литературата да го продолжи својот живот надвор од своите граници. Преводот е исто така и начин да се запознаат културите и јазиците, како и да се прошири видокругот на значењата на книжевните дела. Во таа насока фондацијата „Следната страница“ го организира Балканското студио Vice versa како дел од проектот „Превод во дејствие“ (Translation in motion) софинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија и е финансирано со финансиска поддршка на Бугарскиот национален фонд „Култура“. Проектот „Превод во движење“ е меѓународна инцијатива започната во февруари 2021 од страна на конзорциумот на преведувачки центри на осум европски држави на Западен Балкан и држави на Европската унија.

Во четирите работни денови учествуваа преведувачи од Северна Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска: Ангела Поповска, Далибор Плечич, Димана Митева, Катица Гароска Ацевска, Душко Крстевски, Екатерина Трпоманива, Магдалена Димитрова, Милица Станковиќ, Тања Попова и Сашо Огненовски. Работниот процес беше поделен на три дела кои се менуваа наизменично во зависност од присуството на менторите и гостите во преведувачкото студиот создавајќи една многу возбудлива динамика во практична и теоретска смисла: т.н. кошници/сесии во коишто заедно со менторите се анализираа конкретни преводи, текстови предложени од самите учесници, средби со писатели и прагматични согледби на инспирациите во креативниот процес, како и драгоцени средби со издавачите во Бугарија кои говореа за начинот на издавање на своите изданија, контактите со уметниците и искуството со пласирањето на своите производи во земјата и надвор од неа. Во првиот дел во наизменички сесии се зборуваше за исечоци од текстови веќе преведени на одредени јазици: од бугарски на македонски, хрватски на бугарски, албански на бугарски, српски на бугарски и обратно во кои менторите Никола Маџиров, Русанка Љапова, Русана Христова Бејлери и Ксенија Банович ги споделуваа своите искуства низ анализирањеро на можните варијанти за преведување. Секако, тука се разменуваа различните лингвални варијанти и беше согледувана нивната продуктивност во разни околности со чувство за разните влијанија и сличности/различности на значењето на зборовите во морфолошка и синтаксичка смисла.

Вториот дел беше од исклучително значење затоа што значеше средба со сигнификантни бугарски писатели и книжевни критичари каде прекрасен впечаток оставија големата современа бугарска пистателка Елена Алексиева која говореше за инстиративниот аспект на креирањето на едно книжевно дело, како и со Амелија Личева која држеше посебно интересно предавање за книжевната критика и нејзиното влијание во насока на поттикнување за поголема читливост на книжевните дела. Во таа насока од исклучително значење е да се спомене и сесијата со Билјана Курташева која одржа еден мошне интересна кратка работилница посветена на тоа каде се движат патеките на визуелната инспирација во која беа инволвирани сите учесници правејќи мини дела инспирирани од еден визуелен момент. Тука се приклучуваат и предавањата кои значеа преведувачко искуство на Ксенија Бановиќ како преведувачка од бугарски на хрватски јазик, како и искуствата на Тања Попова која преведува од Македнски на Бугарски јазик. Во склоп на ова Балканско преведувачко студио беше одржана и една литературна маршрута во водтсво на Катја Зографова. Овде секако од големо значење се и издавачите кои се всушност самиот механизам на доведувањето на преведеното дело во рацете на потенцијалниот читател. Во таа насока од особено значење беше предавањето на Манол Пејков, сопственикот на издавачката куќа „Жанет 45“ од Софија кој многу живописно го опиша неговото искуство во издавањето на книги од најразлични жанрови.

Еден од најинтересните настани на ова исклучително интересно студио беше „ Прозрачният преводач“ „Проѕирниот преведувач“ кој се одвиваше во облик на преведувачки „перформанс“ во којшто учествуваа преведувачи од Северна Македонија (Душко Крстевски, Катица Гароска Ацевска и Сашо Огненовски) и од Бугарија (Русанка Љапова, Марија Петров и Тања Попова). Настанот беше организиран во партнерсво со Културниот центар на Софискиот универзитет и беше одржан во театарската сала на Софискиот универзитет, а воведен збор на целиот настан одржа познатиот професор и лингвист Александар Ќосев. Имено, текстовите како предизвици се преведуваа на лице место (македонски текст преведуван од страна на бугарски прведувачи и обратно)  така што публиката на екраните можеше да ги воочи различните стилови и различните приоди при преведувањето на одреден текст. Овој настан предизика големо внимание со својата уникатност така што како финале на овој дел од преведувачкото студио остави силен впечаток, а најмногу образложенијата на самите преведувачи и коментарите на публиката.  

Секако, овој проект не завршува тука, вториот дел, есенско преведувачко студио е составен од различни т.н. „кошници“ , повеќејазични сесии чии резултати се претставуваа на крајот од викендот, како и воркшопи и т.н. издавачки пичинг кој беше посветен на уметноста на понудата на дело за издавање. Третиот дел, кој е замислен во онлајн сесии е посветен на различните искуства во организирањето на литературната комуникација, аплицирањето за разните видови на финансиска поддршка, резиденциите каде што свои излагања ќе имаат Јана Генова, раководителката на фондацијата „Слоедната страница“, Нева Мичева, која ќе зборува за преводите за театарските потреби, Марија Пипева која ќе зборува за преводот на детската литература, еден панел кој ќе проговори за преведувањето на јазикот на војната, како и една сесија која е посветена на преведувањето на Вирџинија Вулф во којашто ќе учествуваат: Рајна Кошка Хот (Северна Македонија, Иглика Василева (Бугарија), Ивана Томиќ (Србија) и Елвана Заими (Албанија).

Преведувњето е искуство кое е рамно на креативното пишување. Создавањето на јазична варијанта на едно книжевно дело е негово пресоздавање во културната матрица на друга јазична структура, а тоа значи продолжување на негвиот живот надвор од рамките на земјата во која што е создадено. Токму заради тоа, ова преведувачко студио е од исклучително големо значење не само за учесниците од земјите кои присуствуваа, туку и за сите оние кои навлегуваат во сржта на литературата транспонирајќи ја низ граматичките лавиринти на друг јазик. Оваа преведувачка возбуда која се случи во текот на овие неколку викенди во Куќата на преведувањето и литературата е искуство што без остаток мора да биде пренесено и на други меридијани за стилот и содржината на секое преведено дело да го достигне секој читател на сите краеви од земјината топка.

Текст на Сашо Огненовски

Слични статии