Култура

Барок за ГТЦ – Инаетот е лош занает

„Аргументите беа изнесувани, беа поткрепени и со меѓународни авторитети и бесмислено е да се остане на политиките кои во случајов навистина немаат оправдување“, вели архитектката Даница Павловска.

GTC3

Владата ги тргна сите пречки за ГТЦ да може да добие барокна фасада. Во ситуација кога се крати буџетот и се бара еврообврзница, непотребното трошење пари е само инаетење.

Одлуката да се тргнат сите пречки за ГТЦ во Скопје да може да добие барокна фасада во момент кога се прави ребаланс на буџетот за да се кратат трошоци, ЕУ ги крати ИПА фондовите, а владата е растрчана да издаде еврообврзница за да се задолжи на странските пазари е во најмала рака нелогична.

Архитектката Даница Павловска вели дека, после сите критики од стручната јавност и од граѓаните, е многу неодговорно повторно да се отвора прашањето за проектот Скопје 2014, и тоа токму на ГТЦ.

GTC Barok

Според идејното решение на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, ГТЦ целосно ќе се затвори и ќе се надгради за плус еден кат. На кровот ќе има три куполи, идентични како оние на Собранието. На покривот ќе бидат поставени и скулптури, а влезовите ќе бидат со антички столбови.

„Ова е сосема ирационално однесување на владата и може да се именува како инает, затоа што исказот даден во последните две-три години од граѓанството и особено од стручната фела е многу јасен. Аргументите беа изнесувани, беа поткрепени и со меѓународни авторитети и бесмислено е да се остане на политиките кои во случајов навистина немаат оправдување“, вели Павловска.

Откако во 2012 година на ГТЦ му ја тргнаа заштитата како културно наследство, владата пред неколку дена го прогласи како објект од посебен интерес. Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски во неколку наврати има кажано дека нема да дозволи продолжување на изградбата на барок во неговата општина, но со оваа одлука на општината и се одземаат ингеренциите за овој објект. Документацијата ја подготвува Министерството за транспорт и врски, а дозволата за градба ја издава Град Скопје. Освен ГТЦ, како објекти од посебен интерес се прогласени и Македонската опера и балет и Универзитетската библиотека.

GTC2

Сегашниот објект на ГТЦ е изграден според идејното решение на професорот Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот, а ГТЦ е изграден во 1971 година, од средствата за солидарност по земјотресот на Скопје. Токму затоа екпсертите укажуваат дека објектот треба да биде заштитен како културно наследство од особено значење

Аналитичарот Алберт Муслиу, тргнувајќи од народната дека од инаетот нема полош занает, вели дека во ситуација кога нема пари, ваквиот потег е провокативен и не е многу веројатно дека ќе се реализира.

„Дури и да го спроведе, тоа ќе има многу поголеми последици отколку поранешните фази на Скопје 2014, кога сето тоа се покриваше со медиумски спинови. Целиот тој проблем мислам дека сега ќе почне полека да излегува на површина, затоа што верувам дека истоштените граѓани на нив сега ќе гледаат повеќе како на нешто провокатовно, отколку како на нешто развојно и убаво за градење“, вели Муслиу.

Засега не се соопштува колку ќе чини барокот за ГТЦ. Веќе е изработена физибилити студија за економска исплатливост за јавно-приватно партнерство за барокизација на овој објект. Минатата година имаше низа протести и неуспешен референдум кој требаше да спречи промена на фасадата на ГТЦ.

Текстот епреземен од Радио Слободна Европа http://www.slobodnaevropa.mk/a/27836883.html

Автор:

Слични статии